Кралица на цветовите
Луѓето отсекогаш и се восхитуваат, така што станала симбол со различни значења - на женската убавина, страста, љубовта, верноста, младоста, бесмртноста, духовната моќ...Титулата ја носи уште откако почнале да се одгледуваат цвеќиња, без опасност некој конкурент да се осмели да претендира на престолот. Согласни се и професионалните одгледувачи, денешната хортикултура и милионите обожаватели: ружата е неприкосновена кралица на цветовите.
Така ја нарекла античката поетеса Сафо, во нејзината "Ода за ружата". И денес е убедливо најомилен, најпопуларен и најчесто подаруван цвет во сите пригоди. Присутен во секој дом, барем на еден начин - дури и ако не се одгледува како растение, ружата сигурно е извезена на некој гоблен, насликана на календар, или извезена по рабовите на престилките.
Ботаничарите знаат дека првите ружи се појавиле пред 40 милиони години, кога членовите на ботаничкото семејството почнале да фаќаат свој правец и да се развиваат посебно. Во истото семејство, значи некој вид братучеди, се ружата, јаболкото, крушата, калинката, шипката или дивата ружа. Можеби по изгледот не би ги поврзале, но доказ е извонредно декоративната внатрешност на дрвото. За фурнир се користи дрвото од јаболкото и крушата, додека прескапото ружино дрво се употребува за дршки на специјалните примероци пиштоли и студено оружје, со што цената се зголемува за стотина долари.
Но луѓето, пред сe, се маѓепсани од цветовите. Првите одгледувачи биле Сумерите, пред пет илјади години. Во тоа време сите ружи биле бели, за по некое време да се селектираат во розе и црвена боја. Вавилон, наследник на Сумерите, ја прогласил за симбол на државната моќ и ја ставил како амблем на државниот грб. Се знае дека едно од светските чуда, градините на Семирамида, биле обвиткани во милиони ружи.
Кога го почнале походот кон Грција веќе биле во пет бои. Античките Грци ја сметале за подарок на боговите и ја одгледувале како и ние денес, како најубав украс на градината.
Вистинскиот бум го доживува во Рим, каде што доаѓа заедно со грчките колонисти, само што Римјаните претерале во употребата на овие прекрасни цветови. Најпрво била прифатена како подарок за дамите, како знак за љубов, додека во време на Републиката стекнала јавна функција и се доделувала на истакнати патриции, како симбол на строга моралност.
Подоцна, во време на царството, станала уште попопуларна, но доживеала морална деградација. Во тоа време станува олицетворение на развратот, декаденцијата и пороците. Некој конзул Верес пуштал цели чети робови да посипуваат ливчиња од ружи по патот каде што поминувал на носилка. Нерон употребувал огромни количества цветови како декорација на гозбите и оргиите, а на претставите во кои се појавувал во главна улога секогаш бил опсипуван со милиони ливчиња од цветовите на ружата.
Ружи се саделе покрај шеталиштата на Тибар, во градините на вилите и околу куќите на обичниот плебс, до таа мера што вечниот град бил обвиткан со силен мирис, неподнослив за странците. Хроничарот Марсијал иронично забележал: "Египќани, пратете ни го вашето жито во замена за нашите ружи!"
Не е чудно што христијанството овој цвет го поврзало со гревот и развратот, но не за долго. Изгледа никој не може да остане рамнодушен спрема раскошниот изглед на ружата. Со време, во христијанската митологија се јавила приказната за последните часови на Христос. Од крвта што капела врз мовта никнала ружа црвена како крв. Според легендата, цветот треба да служи за потсетување на крвта пролиена за покајување на нашите гревови. По неколку века, црковните авторитети ружата ја прогласиле за рајски цвет и ја посветиле на Богородица.
Во темниот среден век, ружата била непозната северно од Ломбардија, за одеднаш да блесне во историјата на Англија како амблем на една крвава војна - Војната на белата и црвената ружа. Во 14. век два претендента на престолот, Едвард од Јоркшир и Хенри Шести од Ланкастер, на нивните грбови ставиле ружи - првиот бела, вториот црвена. Војната траела триесет години, на народот му било доста од сe. Првите што ја соопштиле пораката за помирување биле англиските градинари, кои успеале на едно стебло да одгледаат бели и црвени ружи, а новата сорта ја нарекле "ланкастер - јорк".
Русија ја запознала подоцна, во 16. век, и веднаш била присвоена од владејачката династија Романови и болјарските семејства. Станала посебно популарна во времето на Петар Велики и Катарина Втора. До која мера кажува следнава приказна. Генералот Клинген, во служба на дворот на царот Николај, во околината на Санкт Петербург забележал стражар на пусто место. Се заинтересирал што прави војникот, на што му објасниле дека таму 50 години има стража, по наредба на царицата Катарина. Но, никој не знаел од која причина, па генералот фатил темелно да ја испита работата. Така дознал дека во една пригода царицата покрај патот забележала прекрасна ружа и веднаш наредила да се постави стражар, за да не ја скине некој. Следниот ден заборавила на цветот, но наредбата останала.
Денес се селектирани стотици различни видови и илјадници нијанси бои. Постојат национални и меѓународни здруженија на одгледувачи, натпревари и награди, во оптек е цела индустрија. Ги има џуџести и џиновски, растат како грмушки, дрвја или ползавци, цветовите се без и со мирис. Тоа е резултат на огромната популарност што кралицата на цветовите ја ужива со милениуми.
[линк]













